Monday, August 27, 2012

НОВ ЗАКОН ЗА ПУШТАЊЕ МУЗИКА! Ем глупаво формулиран, ем, не му е време.


Штотуку изгласаниот (или допрва ќе се донесува, што е горе долу истоветно со СВРШЕНА работа) закон за ПУШТАЊЕ музика, предизвикува многубројни дилеми со своите контроверзи.На фејсбук најдов еден куп коментари, а сакајки да се вклучам, да се обидам нешто можеби и да подобјаснам врз основа на искуството и колку толку интрересот во оваа област, знаејки дека ќе се распишам, ја користам оваа форма за моите согледувања.Се разбира, прифаќам да има и други и поинакви мислења, убаво е да може да се продискутира, но во рамките на културно однесување почитувајки ги разликите и оние кои ги посочуваат.Но некои нешта мораат да појдат од факти, од нешта врз кои се темели законитоста, правната држава (колку ни, или не ни, одговара), а особено во ова време и на ваков начин.
Во Велика Британија доколку некој сака да сними кавер верзија на било која песна, мора да го информира друштвото за заштита на механички права (Mechanical copyright protection society - MCPS), одговорно за заштитата на авторските права на носач на звук а кое без некои особени проблеми ја дава дозволата за снимање на песните од нивната колекција за што не треба да се плати надоместок.Агенцијата автоматски ги колекционира сите авторски права за песната од дискографската куќа за изведувачот на песната. Но ако изведувачот има сопствена дискографска куќа (значи е надвор од системот на етаблираните моќници од големите дискографски концерни кои се и виновни за дереџето на кое спадна светската поп музика), тогаш тој МОРА да им плати на  MPCS пред и да се отпечати една (физичка) копија на производот и тоа 8,5 проценти од продажната цена на секој произведен примерок (кај сингл верзијата, верувам процентот е далеку помал кај албумските варијанти).Не е секој композитор член на MCPS особено доколку не е британец, но затоа може да биде член на слично здружение во својата земја која ги штити авторските права во друга земја.(ова инаку потпаѓа под категоријата: ТРИЕЛА БАБА ЛЕН..)
Доколку некој сака да изведува кавер верзии (значи туѓа музика) во живо, авторските права ги штити друго здружение, Performing right society (PRS), а кое обврските ги регулира со МЕНАЏМЕНТОТ НА КОНЦЕРТНИОТ ПРОСТОР, кој добива од нив паушални дозволи за изведба или снимање во живо на песните кои се во нивната заштитна колкекција. Доколку сопственикот на просторот ја нема потребната лиценца на PRS, тогаш...го крши законот.
Тоа се двата основни закони  кои се дел од законот за авторските права (и влегуваат во корпусот сродни права). Не сум правник, применетата терминологија ми е поедноставена, бидејки во посложената сигурно би се удавил.Ова се параметри (горе долу променливи) по кој се владее естрадната професија.
За да минеме на следното, нешто што има речиси неменливи параметри и се однесува на физички носачи на звук.За дигиталните, само претпоставувам дека некои од ставките вредносно се изменети, бидејки времето ги девалвирало. Од вкупната цена на носачот на звук, 54% диобива дискографската куќа, 16% продажната мрежа, 12% на државен данок, 4% композиторот, а 14% изведувачот. Пронајдете колку чини албумот кој ве интересира, и почнете да делите.Но како ние немаме албуми туку “НАЈНОВИ СИНГЛОВИ”, тешко ќе ви оди со нашите изведувачи.А уште потешко што тие ништо (или еве нека биде речиси-ништо) не продавале, па пресметките нема да ви укажат на Бог знае какви резултати за споредби.
Но, сега е најинтересното. Како се собираат парите за авторски надоместок, и што е уште поинтересно, како се делат?Немојте да прашувате некој наш композитор кој по било која основа има макар и минорна допирна точка со правата и распределбата, бидејки секој има своја вистина, некои болна а некои...исплатлива. Пример од пред повеќе години, но ако верувате дека нештата нешто особено се измениле, тогаш имате проблем, да ми простите, со наивноста. Композитор кој има влијателна улога во посетена дискотека. Еднаш месечно (или можеби беше на два), носи формулари на ЗАМП во кои се испишуваат имињата на авторите и нивните композиции кои наводно се изведувани во дискотеката.Едно триесет се од типот (парафразирам, за да биде поразбирливо) Том Џонс и Дилајла. Никому не му е битно тоа што Том Џонс не е автор на Дилајла ( кој ќе гледа на тоа ) но, останатите десетина листови со по педесетина графи (најмалку) на секој, се испишуваат со името на композиторот и насловот на композицијата по дваесетина пати секоја. Без оглед што таа е сентиш или таква што во дискотека никој не би ја пуштил, па било да е и глув. Очигледно до немај каде, но тоа оди во ЗАМП и се регистрира. И така, постојано.Колку и да е денес процесот променет, суштината, не е!
Ајде да одиме по ред.Свадба!Весело.Среде неа, (не секогаш, ама тие знаат се), доаѓаат араџиите, со тефтерот, треба да се собере арач. Натегање, ваму-таму, дадени договорени пари (тоа наводно се вика паушал), а која музика е изведувана?Јас сум популарен автор, имам 20 хита, сите ми ги изведуваат, посебно на свадби.И мислите дека во листите се наведени моите песни? Изведуваните?Од Цеца до Лукас? Или на нивно место влетуваат песните на...одреден композитор..како на листите од спомнатата дискотека?
Во светот (мислам на САД и Велика Британија и скраја да е, само тие да се светот) при радиските емитувања, радиото (денес ) не може да има дозвола доколку неговиот изведувачки компјутер не е поврзан во централниот на соодветно здружение, па така секоја песна во етерот се регистрира со сите свои податоци.Знам, кај нас веднаш ќе се јават поединци бранејки го сопствениот систем дека и кај нив е така. Можеби, и чест на исклучоците, но доколку тоа би било правило, тогаш би ги имале и горе долу регуларните листи на популарноста.
Ди џејството кај нас е релативно нова професија.Се менувал пристапот и кон неа, но и системот според кој таа функционира .Пред се во однос на алатот со кој се обавува:од гломазните, скапи грамофони, преку це де плеерите, до едноставната сегашна варијанта-лап топ со што поимот ди џеј (диск џокеј), трансформиран во комп (компјутерски) џеј, не е нешто препознатлив и прифатлив.Но реален. Последнава година-две, експанзијата се сведува на локални конобари кои РАЗБИРААТ музика и во втората смена се унапредени во пуштачи на музика за дополнителна дневница, па така се помалку има места за вистинските, посветените на професијата ликови кои умеат да ја создадат или ја освежат атмосферата на просторот. Но според овој нов ЗАКОН, истиот, просторот, односно неговиот сопственик МОРА ДА ИМА ЛИЦЕНЦА од таа засега КВАЗИ институција за собирање надоместок кој по правило би требало да оди за унапредување на македонската музика, организирање на манифестации и слично, со стриктно назначена цел за распределба (и со можност за контрола), а не на контото на македонските автори и изведувачи. Бидејки тие со изведуваната музика 99,102% немаат ништо заедничко. Да се вратам неколку реда назад.Значи, ди џеите немаат обврска за плаќање на било каков надоместок за вршење на услугата, кој е во организацискиот сегмент на објектот, односно неговиот менаџмент, алијас – газда! Крај!
А за крај, што и да кажете, во овие наши услови, и во ова време – невреме, ваквиот закон е арач, лоповлук со неидентификувани корисници и наведени собирачи. Во вакви кризни времиња во кои секој сопственик на локал ќе ви се пожали дека никогаш не било вака лошо иако тие стандардно се жалат и не обидувајки се да ризикуваат и да се обидат да бидат програмски поинвентивни и да градат со време сопствена клиентела а не како во ресторант, да нарачаат: “Донеси ми и мене како на оној од соседната маса! “.Затоа имаме и исти типови кавер (плукни верзија) бендови, без било каква инвенција која привлекува, таканаречени АФТЕР ВОРК ПАРТИ (нарочно го напишав ќирилица, звучи светски а наше!), кои по музичката содржина не се разликуваат од вечерната на истиот простор...А би морало! И After work party, не значи ѓускање на маса и паѓање под неа..Многу проблеми и овој е наполно како дполнителен - НЕПОТРЕБЕН! Ама сила, Бога не моли...

No comments:

Post a Comment