Tuesday, July 5, 2011

JAMIROQUAI - ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ!?


Седумдесети години, плато пред Универзална сала, маса народ, неколку пати повеке одошто може да собере, се бара карта повеке, пријател да те внесе...Во одредени интервали доаѓаат најголемите тогаш домашни бендови, Корни, Ју, Тајм, се навива за милениците, со транспаренти, небаре игра Вардар со некој од големата четворка ( Партизан, Црвена Ѕвезда, Хајдук, Динамо ).. Неколкукратно да е поголема Универзална не би ги собрала сите.А Скопје тогаш не е особено голем град, странски изведувачи инцидентно ( лани едни, годинава поретко ), ептен за Денот на солидарноста ( 26-ти јули ) ( џез фестивалoт е подоцна и е во МКЦ ) ... Денес, Борис Трајковски, неколку кратно поголем од Универзална, и неколку кратно помалку публика во неа ( од капацитетот) а надвор човек ниту за лек.А внатре? Светски имиња од рангот на несонуваниот сон (бидејки било поусто губење време ) - Joe Cocker, ZZ TOP, Jamiroquai...Што се промени во свеста на публиката освен ( неминовната ) генерацијска смена? Светот ни стана поблиску, или ние подалеку од него? Се заситивме? Толку бргу? Со толку малку? Снема квалитет? Не го препознаваме? Што ќе ни е? Се вадевме ( најчесто ) на северниот сосед, но тој денес ни бега со чекори од седум милји.Точно е, тој произвел роба, која за проба ја конзумирал а потоа им ја извезувал на останатите.Тој не е виновен што тие ја конзумирале.Со поголема страст дури од него, како производител и извезувач.Нашите обиди да го имитираме увезеното, беа толку смешни што е подобро секојдневно од увезеното, одошто еднаш месечно од домашното. ( замислете ги четворицата осудени на плејбек, во розеви кошули и тегет пантолани со црвени машни како ѕенѕаат три напред два назад, бетер од мечки на панаѓур за трошка лепче, и со фронтменка која без оглед на физичкиот лик, ф`станче до кукче, црни чорапи убаво и стојат, генерално тука - таму налик на дамите од позади МАНУ). Оттаму и не е чудо што за дваесетина години произведoвме куп нови, покрај одеднаш откриените љубители на опа - цупа, сите на маса, трендови..Згора ако се знае какви се пред се содржините на радио програмите кои се далеку повиновни за перманентната инвалидизација на вкоренетиот вкус и чувство на македонецот за разликување на добро од лошо, од телевизиските содржини ( кои си ја одиграа улогата кога недостигот на домашната можна филтрирана програма, го покрииваа Пинк, Свет, Балканика и сличните санитарни чворови. ), тогаш се што ни се случува, за жал е повеќе од очекувано иако болно.За повеќемината.За некои само ...состојба на "Климе..дај друго дете!". Во наброеното, ни како мисловна именка не се споменува домашниот спорт:"Јас се знам.Ако не знам јас, знам еден кој знае.Ако не тој, тој знае еден кој знае!".Квалификацијата: "Кој?Тој?А бе кој го ..."( да ми простите ) е стандардна процедура за покривање на сопствената плиткост за нечија длабина. Затоа и чекав, да ги отпрочитам сите можни такви ( и за среќа неколкумина поинакви ) ставови, за да си дадам одушок на душата и го напишам она за што мислам дека е реална слика без било каква диоптрија, за концертот на Jamiroquai. Неколку пати досега сум се фаќал самиот во замката на безразложна лутина за состојбите, од James Brown до Santana на поголем простор како што е ( некогашниот Градски ) стадион заради инертноста на домашната публика предизвикана од горе опишаните состојби ( воглавно ), во кои материјалната ставка не е вброена, и не дека е занемарлива, но не и пресудна, ( град од 700.000 жители во чиј поширок атар спаѓа речиси целата држава со потенцијални два милиони посетители да не може да исполни денес стандарден концертен простор? ). Овој пат не си го дозволив тоа, иако бев сигурен дека колку и да ги имаше ( а не ќе ги имаше нешто повеќе одошто ги имаше ) повеќе, и тоа ќе изгледаше јадно и бедно на онолкав трибински простор како што е Јужна..Среќа, лошото време и преместувањето од стадион во Борис Трајковски, дебаклот го претвори во поднослив срам пред се, заради активната публика во партерниот простор.Во сеопштиот впечаток влегуваат сите составни елементи на мозаикот "Концертот на Jamiroquai", па така и предгрупата PMG кои одлично си ја одработија зададената задача, но и безразложното доцнење несвојствено за големи имиња кои продефилираа последниве месеци кај нас ( Bob Dylan, Joe Cocker..) . И конечно причината за овие редови, концертот на Jay Kay и неговата екипа. Да не се залажува некој: ВРВНА ПРОФЕСИОНАЛНА екипа со најдобри можни играчи на секоја позиција. Не се поединечно светски луминати, но секој блескав на своето место. Сите заедно, беспрекорен тим, машина која меле со ритам која самата го дозира според потреба и состојбата.Изборот на песните е секогаш под лупата на сопствениот вкус и од таму целосниот впечаток не се менува ( генерално ) само затоа што не е отсвирена некоја песна по нечиј вкус.Сакал некој да признае или не, но без сомнение една од најхомогените екипи ( не група професионалци во придружба на некого, туку која креира и изведува заеднички продукт ), која била во Скопје.Сигурно дека ми пречеше нешто што е несвојствено за така високи професионални погони, паузата меѓу песните ( правдана со потребите за промени на инструментариумот, но во формула еден денес за неколку секунди се менува речиси целиот автомобил, а купче прислужни работници постојано се моткаа наоколу на сцената и сето тоа можеше да се изведе многу побрзо, но веројатно беше добар тренинг ), која беше непримерена за група од таков ранг ( и каква нема да биде применета, сигурен сум, на Егзит!). Траењето на концертот беше во рамките на стандардите на светските настапи, час и половина, до час и 45 минути (некоја повеќе, заради спонтано изнудениот бис или расположбата на групата ), што ни е нам чудно заради создадената навика: "од сеа до сабајле, има да пеат додека не умрат!".
И конечно, озвучувањето.За да нема недоразбирања, во старт: не стојам Бог знае колку добро со луѓето од Авалон ( со поединци, да), имам куп замерки за нивната работа во одделни сегменти, но..во професионалните односи, во кој се знае кој вода носи а кој пожар гасне, приватното се повлекува пред професионалното. Луѓето (заедно со уште неколкумина други, во други естрадни сегменти ), наполно ја измениа сликата од почетокот на овој текст, Скопје не е веќе "селендра некаде на југот", туку дестинација на која биле најрепрезентативни имиња и кои се најдобра препорака за оние кои сеуште не биле, и заради тоа, МОРА да им се одаде признание. И бидејки тоа некако постојано е во втор план затоа што не го објаснуваат оние кои требаат и како треба, накусо, разбирливо. Организаторот, не ретко и не ја гледа главната ѕвезда ( може накусо да и бидат претставени ), сета комуникација оди преку главниот или извршниот менаџер. Еден од нив, на организаторот му ја доставува рајдер листата, со барања од сместувачки, прехрамбени до технички услови. Првите два ( кои зависат од капацитетот на хировите на ѕвездата и нејзиниот карактер ) се горе долу - решливи и компромисни, но третиот, техничките услови се НЕМЕНЛИВА КОНСТАНТА на стандардот од кој не се одстапува!Ако изведувачот од организаторот бара Мејер систем (или било кој друг светски), со такви и такви карактеристики, тоа МОРА да биде исполнето.Се разбира, доколку во меѓусебниот договор - не се се "испазарат" за можна соодветна подваријанта, доколку бараната е ненабавлива во мигот!Значи нема изненадување и одговорноста да оди врз организаторот.Едноставно и изведувачот знае што го чека!Од таму секаква вина околу озвучувањето не оди на товар на организаторот кој работи по инструкциите на менаџментот на изведувачот!Организаторот може да има слобода околу распределба на влезници, организација на одредени категории просторно значење, претставување на настанот во медиумите, но не и со ништо од мигот на
почетокот на концертот. Тогаш се е во рацете на изведувачот. Ова колку да престанат лаичките обвинувања на организаторот заради лошиот звук.Тој е таков, затоа што салата е несоодветна за концертна презентација и наполно занемарете го деновиве испратениот демант од салата Борис Трајковски со акцент на немањето поплаки на концертите на екс Ју трубадурите ( Лепа Брена, Цеца, Чолиќ, Драгојевиќ и останатите ) кои се наполно во сосема друга категорија аудио императив. Можеби не баш соодветно, ама како споредба на картинг и формула 1: и едното и другото е трка на автомобили. Сосема друга приказна се белградската и загрепската Арена.Тоа се концертни простори во кои можат да се одржуваат спортски манифестации, спротивно од Борис Трајковски.
Толку околу оваа проблематика. Најискрено, да сум на местото на Авалон, би си ги пренел активностите на соседството, луѓето од агенцијата имаат веќе силно реноме, огромно искуство и зошто сето тоа би го трошеле попусто, сеејки на почва на која знаат дека плевенот е посилен и од најплеменитиот насад?
За крај можеби ставаат точка со Парни ваљак и David Guetta. На најдобар можен начин.
Наместо пост скриптум, слика на нашата дволичност и спосособност да се гледаме во очи и без трунка срам да се лажеме. Рецензија ( или што и да беше ) во една од оние телевизиски естрадни брљотинки на една од нашите телевизии. Водителката ( или е новинарка, не им го знам статусот ) констатира ( парафразирам ама речиси блиску од збор до збор ), дека речиси полупразната сала (трибинскиот простор ) која инаку е исполнета до последно место кога доаѓаат "певаљките од северниот сосед" сега конечно видела едно АКТУЕЛНО светско име.За да веќе речиси во следниот прилог и натаму се занимаваат со нечистите гаќи на овој или оној како главен настан. Некако ми делува како во емисијата за земјоделци, среде прилогот за музењето на овците, да уфрлите прилог за теoроријата на релативитетот на Ајнштајн, и потоа продолжите со извештајот за стрижењето на овците во Банско. А поимот актуелно е растеглив .. од ТУКА до ТАAAМУ. Како кој го подразбира и како кој, колку разбира.
Многу далеку е целта па макар и имале чизми од седум милји.


1 comment:

  1. Denovive, po koncertot na Jamiroquai, vodev, aj da gi narecam polemiki, so razni lugje vo odnos na istiot. Nakratko, mislenjeto na skoro site se sveduvase na zborovite "Neka odat Avalon u pm", "Go zeznaa koncertot", "Ne odam veke na koncerti sto tie gi organiziraat" i sl. Takvi bea i raznite recenzii na Internet i po mediumite. Zatoa, milo mi e sto sega imam moznost da procitam poinakvo mislenje, koe celosno se poklopuva so moeto. A toa e deka ona sto e dobro - treba da se priznae, a greskite da ne se baraat onamu kade sto ne se (ili, mozebi, ne se vo tolkava mera). Spomenatite Avalon, kako sto i pisuva vo tekstot - rabotat. A koga nekoj raboti, mozni se i greski, neli? Pod toa ne go smetam posledniov koncert na Jamiroquai. Od druga strana, ima lugje koi ne ja znaat celosn makata na organiziranje koncerti, a osobeno na ovie prostori i so poznati svetski iminja, pa samo cekaat mal povod da si gi isturat frustraciite. Ili, kako sto toa bese slucaj (dali e uste, neznam) so koncerti na makedonski imilnja. Ke se soberea nivni kolegi od strana i samo ke cekaa gitaristot da zgresi, ili na tapanarot da mu izbega ritamot, pa da prokomontiraat - A-ha, eve zgresija! Znaci, se slozuvam celosno so tekstot vo odnos na organizatorot, ozvucuvanjeto, bendot (koj, akok ne se lazam, na lice mesto go menuvase vostanoveniot raspored na pesnite, sto vo princip e normalno, no trebase da se napravi mnogu poprofesionalno), so sostojbite vo makedonskite mediumi, ovdesnata publika i dr. Dragane, desetka za tekstov.

    ReplyDelete