Monday, May 13, 2019

Еден текст објавен пред девет години на порталот Коктел.Како во неговата архива не можев да го пронајдам, како ни насловот под кој одеше, се решив да го реобјавам.Интервју за него, дадено на Славчо Неделковски.Со мали измени (во временски определби), како да е дадено сега.Го реобјавувам од мака што ништо не е сменето.Вреди да се прочита.




Драган Б. Костиќ, најпознатиот радио диџеј во Македонија, може ли вака да те претставам, сепак по тоа барем јас те препознавам?
Генерално, да.Но јас сум пред се новинар,едукатор,публицист,издавач, радио водител па на крајот клупски ди џеј.Иако се тргна од некој обратен редослед пред четири децении..


Дали сметаш дека радиото, со годините кои ги помина покрај микрофонот доживува подем или пад, како медиум?
Во секој случај доживува стагнација но како се во општеството одамна ги загуби сите критериуми, така е и со радиото.За да воспоставиме некои нови вредносни норми ќе мора  да измине многу време а неколку генерации сигурно е дека ќе бидат загубени, не во
преводот, туку во транзицијата.Вината за загубените критериуми е сепак кај професионалните институции (Совет за радиодифузија) кои не се придржуваат до законските норми кои сами ги пропишале како генерална рамка за професионално дејствување. Не може во барањето за планираните содржински елементи, Советот да бара елаборатот да содржи какви емисии радиото ќе има, за да по добивањето на
дозволата, никогаш ниту една од наведените емисии во истиот, да не биде реализирана а Советот кој врз основа на програмскиот елаборат ја издал дозволата, да не реагира.
Отаму, нема содржни, нема емисии, нема водители, нема авторитети, нема квалитет на сите естрадни сегменти кои произлегуваат од сето тоа. Радиото сигурно се менува со времето и му се прилагодува, но не се дезавуира самото себе.Не може сопственикот, кој претходно држел бакалница за продажба на овошје, да поставува стандарди според своите интелектуални критериуми.Зошто би плаќал водители, ако може да функционира џубокс системот? Ако средината ја навикнеш дека добро е тоа што јас велам дека е добро, средината тешко дека во наредните генерации ќе знае што НАВИСТИНА е добро!
Несватливо ми е при толкав број радио станици да има само неколку ( да ли и толку ) способни луѓе кои со својата харизма можат врз основа на акумулираното знаење да бидат авторитетни во средината. Не мислам на ди џеј Ѓоко, ди џеј Станко или ди џеј Петко, на кои единствена цел на работата во радиото им е да создадат какво такво име кое подоцна им овозможува добро платени тезги низ клубовите во Македонија.Мислам на авторитетни стожери на македонскиот естраден сегмент, кои ќе имаат став и критериум за творбите и луѓето кои ги креираат, овде и низ светот.Затоа и односот на средината е таков кон радиото во Македонија, на маргините, талку зад телевизиите.
Дури и шушљарски ТВ-а имаат подостоинствен третман во јавноста од најпопуларните радиа.
Дури и емисии со таков рејтинг и долговечност како Диско селектор или Заборави ако можеш, најголем број луѓе не знаат кога се емитуваат, а да не спомнувам за емисии ( од кои тоа ниту една не е ) на популарните радиа, нема никаков преглед на програмите во медиумите (пример во петочните изданиа, радиата како да не постојат ). И како тогаш тие да бидат било каков фактор за поинаков третман?

Кој е ставот на Драган за музиката која се продуцира денес, ете споредбено во една 1998ма-99та , не мора да одиме понатаму?
Секое време си носи свое.Свои проблеми, ставови,мода,нови идоли. Дури откако времето ќе одмине, споредувајки го со други периоди, може да се зборува за вредности.Но повторно, не исклучувајки дека за вкусовите не се дискутира.Јас можеби имам малку повеќе право од другите да зборувам, бидејки четириесетина години ја изучувам историјата на популарната музика, и мислев дека деведесетите, особено втората половина, е најлошиот период, но почетокот на 21-от век ме убеди дека и од лошото има полошо.
Но констатацијата важи само за комерцијалните трендови, додека останатите продуцираат редовно очекуван квалитет постојано обновувајки ги своите вредносни ресурси..Желбата на црниот човек конечно да излезе во преден план ги изопачи дотогашните вредности потврдувани низ децении преку форми кои иницираа нивни комерцијални пандани ( џезот, блузот, соулот и фанкот како генератори ), па така хип хоп културата, од маргинален тренд се претвори во расно императивен проект кому мораа да му се приклонуваат и белите давајки му на тој начин посебна авторизација и легитимитет, погрешно толкуван, спроведуван..Сето тоа се претвори во автокарикатура, без сопирачки за дури и очигледно криминогени недзаскриени влијанија.Како никој да нема доволно храброст да застане пред завбретаниот воз и го сопре пред да удри со сета своја моќ. А таа расне од ден во ден, и единствениот лек да оддолеете на сите можни влијаниа е да го
игнорирате, како да не постои и се свртите кон во овој миг маргинилизираните трендови. Хип хопот е дел од модерната, урбана црнечка култура, но не и единствениот.
Човек треба да има доволно љубопитност да се впушти во запознавање на останатите, откривајки ја сета нивна убавина и вредност. Не оди наеднаш, но ниту светот не е создаден за ден – два...

Што според тебе треба една песна или популарно наречена трака ( во едно време плоча да имаш беше ќеф ) треба да поседува за да има добра слушаност?
Пред се, советувам да не се подлегнува во помодностите кои водат до непознавање,
неразбирање на поимите. ТРАКА? Што е тоа? ЛЕНТА? Во тој случај, исправно..Но не е ли подобро, песна, нумера ( бидејки се означуваат и со бројки)..Трака е помодарски, затоа што некој ди џеј кажал I play my tracks, што би значело – Ги емитувам ( свирам ) моите записи, или ленти. На англиски TRACKS значи трага, запис, во дигиталното време така се означува секој таков, но и пред 40 години во новинските написи стоело дека тој и тој албум има толку и толку tracks ( или записи ) А трака е нешто што се носи околу рака, околу глава...Толку за тоа! А што се однесува за формулата хит, кога би знаел, веројатно би бил многу богат човек...Понекогаш ни најдобро искомпоонирани елементи кои ја сочинуваат секоја композиција не водат до успех.Едноставно, тоа е нешто непредвидливо,таинствено што обзема поголема група луѓе кои потоа истото го пренесуваат врз другите..Прилично мистично..


Сметаш ли дека малку повеќе си ја искомерцијализиравме музиката, не дека и еден Стинг не рекламира возила и бела техника во своите спотови?
Отсекогаш културата зависела од мецени, вакви или онакви со одредени интереси или најчесни цели.Но каде да пронајдеш такви во домашната средина? Кој дава пари за џабе, и да ли воопшто за нешто дава пари? Најчесто лаже дека ќе даде, а се фали дека дал..А
и тоа што го дал – доволно е за семки, само на еден натпревар ( без оглед колку семки јадеш). Сведоци сме дека турнеите на најголемите светски концертни атракции спонзорирани се од најголеми светски фирми кои наоѓаат свој интерес во фактот дека милиони луѓе се запознаваат со нивната дејност или производ.Кај нас е тоа минорно, едни исти ( не ретко и неосновано ) ги добиваат парите од некого, ( можеби и со обврска половина да вратат ). Кога зад настапите на пеачите по скопските и македонските клубови воопшто, за скромни средства во форма на спонзорство, би застанале разноразни фирми, за мали пари би сториле голема работа.Би го промовирале производот на соодветно полезен начин, би ги ослободиле клубовите од притисокот врз скромните можности, би ја збогатиле понудата, а би го намалиле напливот на најдолните турбо фолк атракции од соседството, бидејки би биле спонзорирани само домашните изведувачи, па клубовите би имале интерес нив да ги ангажираат. Едноставно и јасно. Само уште да се најде јунак да го спроведе.

Која публика ти е најомилена, знам дека ке кажеш, секоја или својата, но поконкретно?
Онаа која е дојдена,заборавајки на припадноста кон овој или оној тренд, припагајки и на оваа или онаа генерација, сакајки или мразејки го овој или оној ди џеј, да се забавува.Мразам публика која е дојдена за да седејки си испрака СМС пораки, а ваму ритам и атмосфера на која и мртвите би станале, кои доагаат да видат кој има, и да бидат видени дека дошле. Со таквите нема журка.Најдобра публика, барем за моите журки кои некои погрешно ги нарекуваат ретро, е онаа на возраст од 25-35 години, но возраста не е гаранција за добра атмосфера. Во еден клуб кој се викаше Медисон во Тетово уживав да одам, имаа фантастична публика, и своевремено во Дајв во Струга. Ни Инфинити ( во првите години ) во Битола не беше лош, беше одличен ( мислам на публиката ).Мислам дека клупската публика во Прилеп е малку потешка, но затоа неколку пати на отворено во Прилеп имав незаборавна атмосфера на илјадна публика..

Дали имаме радио-слушачка култура?
Денес веќе – не! За жал...Реков дека таа, публиката се создава, како и културата на слушање која се гради.Треба да имаш понуда, за да имаш побарувачка.Не може да имаш цел програмски појас од десетина часови како простран тепих по кој само редиш песни, истоветно трендовски, ритмички, содржински, девојки кои само мислат дека со тоа што ги оставиле да зборуваат умеат и да говорат, соживувајки се во улога на екстра водителки ( па и јас играм фудбал ама не сум Марадона ), го потврдуваат она правило дека - има
луѓе кои зборуваат, зборуваат, зборуваат...се доека конечно не успеат нешто и да кажат...А на крајот...и не мора да значи дека нешто и кажале..Такви се главните, комерцијални, популарни радио станици, знаеш на кои мислам, а други две-три се слични, со поинаква музичка шема - екс ју евергрините со бескрајно емитување ги направиа песни со статус на актуелен хит, а таквите веќе не се евергрини, и ја губат дражта на патината, со прав прекриените спомени кои од време на време се зачистуваат за да ги предизвикаат повторно емоциите.Ниту збор за песните, изведувачите, каде се што прават,што е со нив како луѓе...Тоа не е радио...Тоа е ...не е Ајпод, мојот избор би бил подобар, и сечиј за секого би бил подобар, бидејки би бил личен.Вака...некој погрешно го толкува радиото, и ги убеди генерациите од последниве две децении, дека е тоа вистината, една и единствена...Оној што претходно продавал банани и портокали, спомнат во некои од претходните одговори ( за жал такви се повеќемината од сопствениците ). Кога има такви содржини, каква публика тогаш можеме да имаме? Не каква сакаме...


Дали диџејството е култура на живеење?
Како не! Иако и тука има сегменти, радијска и клупска.Во почетокот на професијата, немате клупски ди џеи, има само радијски презентери кои повремено се и телевизијски.Подоцна, истите проверувајки ја својата популарност ( и вистинскиот музички избор )почнуваат оноа што го прават на радио, да го практикуваат во простори за игра, ноќни клубови а по појавата на диското ( како тренд ) и во диско клубовите кои никнат како печурки после дожд.Оттаму професијата – човек зад грамофоните, почнува да создава локални клупски миленици кои по принципот-покажете ни што имате-да ви покажеме што имаме, ја шири нивната популарност.Тоа оди дотаму што почнуваат национални, а потоа и интернационални натпревари под покровителство на соодветни фирми како Техникс чии грамофони стануваат заштитен знак на професијата.Од година во година, умеењето на поединците станува егзибиција која полека води до создавање на сопствена авторска
изведба во ранг на композиција. Во процесот се вплеткуваат и продуценти кои со разноразни ремикси на познати творби кои ги свират на своите журки познатите ди џеи, гледаат можност за сопствена презентација. А кога многу од нив сознаваат дека истото можат да го прават и самите во улога на ди џеи, бргу се трансформираат, и самите стануваат експоненти на професијата која сега веќе обединува неколку сегменти – продуцентсво, композиторство, инструметализам, ди џејство...Кога во сето тоа се вмешува и бизнисот и индустријата – ете ви ја состојбата која е неприродна – ди џеите стануваат популарни од творбите на оние кои ги изведуваат.Затоа се помалку туги творби изведуваат, а се почесто се тоа продуценти и ремиксери.Замислете ди џеј Поп Симонов (мислам на продуцентот Тоше Поп Симонов ) или ди џеј Скендеровски.. кои во своите студија прават ремикси на македонските изведувачи...отприлика, парафразирано, тоа ви е тоа...
Веројатно гледано од друг агол, од искривениот, оној медиумскиот, новинарскиот (според кој секој ди џеј кој доаѓа од некоја средина, за да биде продаден овде, станува најдобриот светски ди џеј во тандара мандара, техно хаус фанки лајт вокал со примесина.....). Кога ова го читаат таквите инволвирани во овој медиумски процес, веднаш се против вас, ама мене, како на теоретичар и човек кој нештата ги знае од корен ( за некои кои ги знаат само од цветот ), и многу не ми пречи тоа. Да ли ди џејството е култура на живеење? Така живеам последниве четириесет години.Ако е тоа култура на живеењето, добро, немам ни{то против...

Иако го претпоставувам одговорот, но сепак, до кога Драган ке пушта музика?
???? Го прашале Би Би Кинг до кога ќе оди на турнеи. Им одговорил зачудено - Па јас не одам пеш, ме возат.Прашајте ја Тина Тарнер до кога ќе трча по сцената, тоа да, но не и до кога ќе пее...Мене некои пријатели од младоста ме прашуваат исто-До кога со музика? Одговарам со прашање -До кога ќе одите да гледате фудбал? Но сериозно, се додека некој доаѓа да се забавува на она што јас го правам.Свесен за тоа дека, присутен толку години во клупскиот и естрадниот свет претставувам своевидна икона која
многумина сакаат да ја видат и доживеат за да еден ден, години потоа можат да раскажуваат – Јас бев на журките на Драган...Во деведесетите, од мои лични причини не бев активен инаку сигурно ќе бев апсолутен рекордер според бројот на луѓето кои биле
присутни на ивентите за кои носечко било моето име а за кои се плаќале влезници. А и вака во десетте години од овој век, веројатно по Тоше Проевски имам најмногу публика со платени влезници.Пресметајте, не е тешко..Иако за многумина делува неверојатно. Но ако се знае дека се што е податок врзано за македонските естрадни прилики – јас можеби и најдобро го знам, тогаш верувајте ми на ...збор.Сакав да прекинам, сега по мојот шеесети роденден ( на десети јуни годинава) но многу луѓе ме разубедиа дека убавата приказна треба да се раскажува додека има слушачи за неа...Ке се обидам, ќе видиме... Што се однесува до радиото, ќе ги одработам уште четирите задолжителни години за националното радио, а потоа ако Господ даде здравје, двата македонски радијски бренда Диско селектор и Заборави ако можеш ќе ги преселам во некое комерцијално радио за да покажам што се може да се направи во радијскиот свет со
добар маркетинг кој ќе обезбеди финансијска подлога за овие два проекти и како тие тогаш ќе звучат. Верувајте, многу поинаку, во позитивна смисла.А мислам да реализирам со помош на некои мои искусни пријатели, телевизијски мајстори, тв верзија на Заборави
ако можеш, една скромна, гледлива, забавна, едукативна програма..Еден куп шушљаци се појавиа во улога на тв водители, еден повеќе или помалку нема да ја смени работата не ли?


Најомилен сонг до сега, и не ми шарај одоколу, ми треба еден?
Аааа...невозможно.Ако си човек кој има преку милион песни дома, лаже ако каже дека една му е најдрага.Од секоја деценија од изминатите шеесетина години имам барем по....десетина....од секоја година. Но, многу сакам песни со симболика, кои можат да траат, иако според други никогаш не биле хитови, познати или се одликуваат со исклучителен квалитет.Неколку вистински одбрани зборови, неколку убаво скроени ноти кои се лепат за нив и ништо друго не е битно....Најблиску до таквата комбинација ми е песната Rio Esperanza на групата Little feat од 2000 година.

Што еден музички новинар-диџеј треба да има а го немаат многумината кои така се класифицираат денес?
Талент, работливост, харизма, упорност...Став, чувство за праведност, сериозност, доблест...Звучат како особини од карактерот на Господ?! Па тој и треба да ги има, за да може неретко наоѓајки се во улога да суди или одлучува за нечија кариера, да има чувство на одговорност, пред себе и јавноста. Не е се во пуштањето дискови ( или плочи ) или музика – генерално, тоа е само видливиот, мануелниот дел на професијата. Сето останато е далеку позначајно.Се разбира доколку се сака врвна позиција и почит на средината и луѓето од професијата.